Кога е време за сместување во установа за социјална заштита на стари лица
Дома е најубаво, но важно е да бидеме свесни кога нашите блиски имаат потреба од повеќе отколку што можеме да им дадеме.
Додека многумина сметаат дека старите лица треба да живеат дома што е можно подолго, со цел да го задржат своето достоинство и независност, важно е да се има во предвид дека понекогаш, дури и со најголема љубов и посветеност, не можеме да им обезбедиме најдобра нега и грижа во домашни услови. Во некои ситуации, сместувањето во установа за стари лица може да биде најдобриот избор за да им се овозможи потребната нега, сигурност и емоционална поддршка:
Ситуации кои укажуваат на потреба од сместување
Потреба за постојана грижа и поддршка во секојдневните активности
Со стареењето, многу лица се соочуваат со физички и ментални предизвици кои го отежнуваат самостојното функционирање. Кога ќе забележите дека се јавуваат проблеми со подвижноста или извршувањето на секојдневните активности како што се облекување, одржување на лична хигиена, јадење и сл., веќе може да се процени дека постои потреба од професионална грижа. Присуството на обучен персонал во установата за стари лица обезбедува нега, сигурност и поддршка во сите аспекти.
Се јавува потешкотија во управувањето со хронични болести
Лица со хронични болести како срцеви заболувања, дијабетес или респираторни проблеми можат да се соочат со потреба од редовна медицинска грижа и следење. Доколку домашните не можат да обезбедат соодветно медицинска грижа, потребно е старото лице да биде сместено во установа каде што има на располагање медицински тим кој 24/7 може да ја следи неговата здравствена состојба и да реагира навреме во случаи на влошување.
Рехабилитација по сериозни медицински индикации или интервенции
По операција, удар или скршеница, многу стари лица имаат потреба од рехабилитација за да ја повратат мобилноста и функционалноста. Во установите за стари лица, особено во оние кои нудат рехабилитациски услуги, корисниците имаат можност да добијат стручна нега и терапија во соодветна околина. Физиотерапевтите и медицинскиот персонал се присутни за да ги водат корисниците низ процесот на закрепнување и рехабилитација.
Потреба од палијативна нега
За лица кои боледуваат од терминално заболување и кои имаат потреба од палијативна нега, сместувањето во установа за стари лица може да биде неопходно. Палијативната нега е специјализирана грижа која се фокусира на контрола на болката и другите симптоми, како и на обезбедување емоционална и психолошка поддршка за корисникот и неговото семејство. Установите кои нудат палијативна нега имаат тимови од стручни лица, како лекари, медицински сестри и психотерапевти, кои се обучени да се справат со терминалните состојби и да обезбедат што побезболен и достоинствен крај на животот.
Потреба од сигурност и намалување на ризикот од незгоди
Постарите лица кои живеат самостојно често може да бидат изложени на ризик од падови и други незгоди. Кога постои голема веројатност за падови или повреди кои не може да се контролираат дома, сместувањето во установа за стари лица може да биде најдобриот избор. Во установите се обезбедува континуирана грижа и присуство на персонал кој може да реагира веднаш ако се случи несреќа.
Потреба од социјализација и емоционална поддршка
Со стареењето, многу стари лица се соочуваат со осаменост и депресија. Установите за стари лица нудат и социјални активности кои помагаат во одржување на емоционалната благосостојба на старите лица. Со редовни активности, дружби и комуникација со другите корисници, се поттикнува социјализацијата и се намалува чувството на осаменост, што е многу важно за нивното ментално здравје.
Поддршка за семејствата
Често, семејствата се соочуваат со голем стрес и исцрпеност при грижа за своите сакани. Сместувањето на старото лице во установа за социјална заштита на стари лица може да обезбеди не само професионална грижа, туку и ослободување за семејството, што му овозможува да се фокусира на своето емоционално и физичко здравје.
За крај
Во нашето општество често се верува во митот дека животот завршува кога старото лице ќе биде сместено во установа за стари лица. Напротив, професионалната нега и поддршка кои се обезбедуваат во овие установи, дружењето со врсниците и организираниот социјален живот го продолжуваат животот, го подобруваат квалитетот на секојдневието и му овозможуваат на старото лице да живее со достоинство, грижа и поддршка која не секогаш е возможна во домашни услови, помагајќи му да биде подолго самостоен колку што е можно.
Без разлика колку се трудиме, понекогаш не можеме да им ја обезбедиме потребната грижа дома. Установите за социјална заштита на стари лица не се само места каде што лицата одат за да ги минат последните години од својот живот, туку места каде што добиваат стручна помош, медицинска грижа, и емоционална поддршка, што ја подобрува нивната благосостојба и им овозможува продолжување на животот во најдобри можни услови.
Одлуката за сместување на старо лице во установа за стари лица е многу сериозна и треба да се донесе со голема внимателност и со разбирање на специфичните потреби на лицето кое треба да биде сместено.
Доколку препознавте дека е време за професионална грижа и сместување на лице од Вашето блиско опкружување, Оаза е вистинскиот избор за Вас. Нашите стручни лица се тука за да ги разгледате сите можности и заедно да го изберете најдобриот и најсоодветниот начин на грижа, кој ќе обезбеди достоинствен и квалитетен живот за вашите најсакани.
Внимателно ќе ги процениме индивидуалните потребите и ќе создадеме индивидуален план кој ќе овозможи максимална нега и грижа, поддржувајќи ја благосостојбата, безбедноста и среќата на Вашето сакано лице.