Назад кон блог

Официјално отворен Домот за стари лица „ОАЗА“ во Општина Илинден

Една од просториите на дом Оаза

Во присуство на претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, претставници на државни и локални институции, деловната заедница, соработници и гости, официјално беше отворен Домот за стари лица „ОАЗА“ – најсовремен дом и регионален центар за грижа, нега и рехабилитација на повозрасни лица во Македонија.

„ОАЗА“ е инвестиција на Адора Бизнис Групација создадена со јасна визија – да обезбеди достоинствен, безбеден и квалитетен живот за повозрасните лица преку современи услови за сместување, професионална здравствена и социјална грижа, рехабилитација и секојдневна поддршка.

Во своето обраќање, претседателот на Адора Бизнис Групација, проф. д-р Ванчо Чифлиганец, истакна дека најдобрите европски практики денес не ги гледаме само надвор од државата, туку ги создаваме и во Македонија, во интерес на граѓаните и идните генерации.

Покрај својата социјална и хумана димензија, проектот има и значајно економско влијание преку отворање нови работни места, ангажирање стручен кадар и придонес за дополнителна вредност за заедница и националната економија.

Домот располага со современи сместувачки капацитети, медицинска и социјална поддршка, физикална терапија и рехабилитација, сензорна соба за лица со деменција, единствена од ваков тип во Македонија, како и бројни содржини наменети за подобрување на квалитетот на живот и активното стареење на корисниците.

Како дел од концептот на „ОАЗА“ се развиени повеќе содржини насочени кон здравјето, рехабилитацијата и социјалниот живот на корисниците, меѓу кои амбулантата „Оаза Медика“, сопствено амбулантно возило, сала за физикална терапија и рехабилитација, фризерски салон, парк Оаза, како и кафе-барот „Клуб Оаза“ за дружење и семејни посети.

Со отворањето на „ОАЗА“, Адора Бизнис Групација реализира уште еден значаен проект со трајна општествена вредност, потврдувајќи ја својата заложба за создавање современи решенија кои одговараат на реалните потреби на граѓаните.